Ви ги најавуваме следните настани:
СКОПЈЕ КРЕАТИВА

Скопје креатива 2015
Нов креативен бран во градот
Фестивал за креативни индустрии - Скопје Креатива 2015
Отворање на есенската културна сезона

со голем број активности под мотото
Скопје - мојот град!

 
(Скопје, 1 јули, 2015г.) На денешната прес конференција која се одржа во Град Скопје беше промовиран овогодинешниот Фестивал за креативни индустрии - Скопје Креатива 2015 кој ќе се одржи од 16 до 20 септември на Плаја Виста.

Под мотото „Скопје - мојот град!" во четирите фестивалски денови ќе се одржат презентации, предавања, работилници, панел дискусии, форуми/дебати. Посетителите ќе имаат можност да учествуваат на настани поврзани со филмски и видео перформанси и театар, додека во вечерните часови ќе може да уживаат во специјално одбраната музика идеално дозирана за сечиј вкус. Скопје Kреатива не ги заборава и најмалите - работилници за развивање на креативноста кај дечињата се дел од богатата програма.

Скопје Креатива е проект под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈУ КЦ Александар Македонски - Скопје и претставува уникатен настан кој 4 години влијае позитивно врз развој на културната сцена и на едно место ги обединува креативниот сектор во земјава и регионот, како и бизнис заедницата.
Фестивалот за креативни индустрии Скопје Креатива 2015 нуди иновативен концепт на културната сцена со различен пристап во размената на искуство.

„Овој фестивал воспоставува нови стандарди, нов квалитет. Посакуваме и работиме на тоа Скопје да стане пандан на градовите во кои младите се моторот на креативниот дух, на градскиот шмек. Скопје-мојот град е нашето мото и нашата мисла предводник. Се надеваме дека во септември ќе ни се приклучите заедно да ја доживееме оваа прекрасна приказна за нашиот град" изјави Тања Балаќ - раководител на Секторот за култура на Град Скопје.
Почнувајќи од 2011 Скопје Kреатива учествува активно во напорите за вмрежување и соработка со други фестивали и платформи во регионот, но и пошироко. Вера Бошковска, директорот на ЈУ Конгресен Центар А.Македонски, еден од организаторите на овој фестивал посочи: „Проектот е особено значаен заради промоцијата на млади македонски креативци надвор од Македонија, што е едно од главните приоритети за нас - организаторите. Ако на тоа се придодаде меѓународниот карактер, можеме да заклучиме дека Скопје Kреатива нуди една поинаква приказна, што уште еднаш ќе се докаже со програмата која ќе ја понудиме и оваа година" .

Лазе Трипков, програмскиот директор на Скопје Креатива 2015, посочи дека ова ќе бдие поинакво доживување од останатите слични проекти и додаде: „Овогодинешното издание ќе биде едно целосно заокружен фестивал кој ќе ги опфати сите креативни сектори- продукт дизајнот, индустрискиот и графичкиот дизајн, како и модниот дизајн. Освен тоа ќе имаме фантастична музичка програма, инспиративни детски работилници, како и застапени ќе бидат и видео и театарската уметност и мултимедиите, а отвораме и единствен Поп-ап стор. Ја носиме суператрактивната изложба на School of Visual Arts, која вклучува дела од Милтој Глејзер, Стефан Загмајстер, Мирко Илиќ, Сејмур Хваст , а учество ќе земат и светски познатиот млад дизајнер Бајтлик, чија кариера започна од Скопје постер фестивалот, но и ред други настани кои ќе инспираат, мотивираат и стимулираат".

На фестивалот учество ќе земат еден од најталентираните млади автори на детски книги на денешницата, типографот/дизајнерот Јан Бајтлик од Полска, авторите на најоригиналните инцијативи за мапирање во Европа- Студиото Андрес Деген од Холандија, нашиот глобално етаблиран моден дизајнер Изет Цури, дечките од дизајн студиото Армада од Словенија, проектот „Недела на архитектурата - Тирана", Паквити од Белград, многу локални дизајнери и регионален pop up store. Меѓу другите ќе биде покажана изложбата со екс-ју носталгични дизајни YUS од Словенија и Projecting Albania.

Овој фестивал останува доследен на претходните изданија и ќе биде од отворен карактер. www.skopjekreativa.mk
Скопје Креатива 2015... една поинаква скопска приказна!