Ви ги најавуваме следните настани:
МАРС 2015
Во вторникот (24 ноември 2015 година) се одржа Македонскиот радиски фестивал во Македонската опера и балет.

Парада на ѕвезди и сцена на која се отпеа најдоброто од македонската музика од изминатата година не дочека во вторникот (24 ноември 2015 година) на фестивалот МАРС 2015 во Македонската опера и балет. Со одличната сценографија богата со аудиовизуелни ефекти и големиот број на изведби во живо во интимната атмосфера на МОБ имавме вистинска музичка бајка. Кога кремот од македонската естрада ќе се собере на едно место резултатот и не може да биде поинаков!

Гласот на народот беше преточен во одлука од страна на повеќе од 40 локални, регионални и национални радиостаници ширум Македонија за тоа кои се најслушаните хитови во текот на 2015 година, а во изборот дефинитивно не потфрлија затоа што публиката пееше на глас и од срце аплаудираше на секоја наредна песна повеќе од претходната.

За се да оди по својот тек и аплаузот од просечен на почетокот да се претвори во громогласен беше заслужна водителката Марија Петровска. Ова препознатливо ТВ лице не се јавува за прв пат во оваа улога, а со вродениот шарм надополнет со раскошната тоалета од Елена Лука, Марија беше вистински мелем и за очите и за ушите. Ниту чекор подолу не беше и новинарката Слободанка Марковачева, која во неколку куси јавувања ни дозволи да ѕирнеме каква е атмосферата во бекстејџот.

На фестивалот беа поделени вкупно 15 статуетки од кои дури три завршија во рацете на Елена Ристеска. Поп дивата, која е поим за професионалец и емотивна изведба кога ќе излезе на сцената и овој пат блесна со сиот свој сјај.

Со нејзината прекрасна балада „Доживотно", таа ги освои наградите за „Радиски хит испеан од женски вокал", „Најдобра радиска балада" и „Најдобар текст на песна" според гласањето на новинарите од печатените медиуми и интернет порталите.

Штом го слушнав демото од „Доживотно" веднаш сакав да ја отпеам, изјави Елена на фестивалот кој го прогласи за единствена манифестација во Македонија на која се оддава признание за работата на музичарите.

На листата по неа според бројот на освоени статуетки на МАРС се најде Даниел Кајмакоски. За песната „10 лета"  тој ги доби наградите „Највртен радиски хит во регионот изведен од македонски пејач" и „Радиски хит по избор на публиката".

Благодарен сум за се што ми се случи во последните две години и важна ми е секоја награда што доаѓа од татковината, изјави тој.

Дека навистина ги цени своите фанови докажа кога на крајот од настапот речиси се симна од бината за да се фотографира со едно девојче, негов верен фан.

Две статуетки понесоа и Тамара Тодевска и Д.Н.К. Нивната песна „Фрази љубовни" беше прогласена за „Апсолутен радиски хит", а втората награда им беше „Партнерство за хит". Како и секогаш темпераментнaта Тамара се пошегува, па така малку се бркаше со водителката Марија на сцената, па нагласи да не ја снимаат во профил поради нејзината блажена состојба.

Виктор Петров Викса од Радио Слободна Македонија им ги додели наградите.


Калиопи ја доби наградата „Радиски рок хит" за песната „Мојот дом" и им се заблагодари на фановите преку видео обраќање поради тоа што не беше во државата, но сепак водителката откри дека таа имала ненадејно враќање во Македонија и гостување во дневникот на Македонската телевизија каде е обелоденето дека ќе ја претставува Македонија во Стокхолм на Евровизија 2016 година.

Песната „Амор" на Тајзи му ја донесе наградата за „Латино, Р'Н'Б', рап хит", а на сцената тој се појави со неговите пријатели од Куба кои со жежок танц и веќе добро проверениот ритам на „Амор" ја размрдаа публиката.

Наградата „Ѕвезда што се раѓа" ја доби Теа, а наградата за „Трајни вредности" заврши во рацете на Мики Јовановски Џафер.

Само добри луѓе прават добри песни, изјави Џафер и на сцената го повика композиторот на неговиот најголем хит „Сонце за три светови" Винко Мишковски, кои од 1999 година живее во Австрија, но токму периодов престојува во татковината.

Групата Некст Тајм за „Ја излези Ѓурѓо" ја добија наградата „Најдобра преработка на песна", а Влатко Лозаноски Лозано ја зема наградата „Радиски поп хит" за песната „Како тебе нема друга", за која и Кајмакоски откри дека е негов фаворит.

Александар Тарабунов за „Сакам, не сакам" ја доби наградата за „Радиски хит испеан од машки вокал". Како и секогаш и овој пат тој беше кавалер и и упати низа комплименти на водителката.

Групата Ај Кју повторно се закити со награда „Радиски хит изведен од група" за нумерата „Колку пати".

Со вкупно 10 музичари на сцената тие беа вистинско доживување за присутните во МОБ.

На крајот од фестивалот настапија регионалните гости.

Јелена Томашевиќ доби „Признание за музичка и медиумска популарност" и на сцената отпеа две свои песни. Никој од публиката не остана имун на нотите на нејзината „Радио свира за нас", направена во соработка со Дарко Димитров.

Ова е прва награда што ја добивам во Македонија и се надевам дека наскоро ќе направам концерт тука, изјави Јелена.

По неа сцената ја презеде Хари Мата Хари, кој исто така доби „Признание за музичка и медиумска популарност".

Новата награда е секогаш најслатка, но не е така и со жените, се пошегува Хари Варешановиќ.


Покрај статуетките не изостанаа и паричните награди како симболичен поттик за уште поголеми и поуспешни хитови, па така Тамара и Д.Н.К за „Апсолутниот радиски хит" добија награда од 60.000 денари и организаторот на Македонскиот радиски фестивал ќе им овозможи бесплатно да ја користат салата на КЦ Александар Македонски за свој солистички концерт.

Даниел Кајмакоски за наградата „Радиски хит по избор на публиката", одбрана според бројот на лајкови од фановите на Фејсбук фан страницата на МАРС 2015, добива 30.000 денари и исто така можност бесплатно да ја користи салата за свој солистички концерт.

И наградата од 10.000 денари ја добива авторот на најдобриот текст односно според гласовите на новинарите авторот на песната „Доживотно" на Елена Ристеска, Александра Милутиновиќ.