Ви ги најавуваме следните настани:
Републичката ревија на песни, музика и игри - 2013
Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ), кој опфаќа  56 здруженија и околу 264.000 членови, во рамките на Програмата за работа се грижи за исполнување на правата на пензионерите што произлегуваат од пензиското и инвалидското осигурување и спроведува низа други активности со кои влијае врз подобрувањето на здравјето и квалитетот на животот на припадниците на третата животна доба. Грижата за здраво и активно стареење е интенција и на Европската унија, што е потврда за СЗПМ дека со своите активности е на вистинскиот пат. Конкретизација на ваквата определба на Сојузот е и практичното спроведување на активностите што ја опфаќаат културно-забавната и спортско-рекреативна димензија.

Движејчи се по таа насока СЗПМ веќе 11 години успешно организира ревии на песни музика и игри широм Републиката определени во 6 региони, на кои здруженијата настапуваат со свои претставници пензионери - интерпретатори на стари изворни народни песни, ора и музика со мелос карактеристичен за дотичното подрачје, за да се задржат во меморијата, или да се вратат од заборав традиционалните изведби  кои го изразуваат културното наследство и го чуваат идентитетот на  сите припадници на мултуиетничка Македонија. Прекрасниот колорит на носиите во кои се облечени учесниците уште повеќе го нагласува значењето на оваа манифестација, која претставува посебен раритет и на Балканот. Кулминација на промоцијата на традиционалните обележја искажани низ песните, музиката, игрите и обичаите, претставува организирањето на Републичката ревија на песни, музика и игри - 2013, која е најмасовна културна манифестација во нашата земја. Таа не се означува по бројот на одржувањето, туку на крајот се додава само годината, како што е случај и со годинашнава. Значи, Републичката ревија на песни, музика и игри во организација на СЗПМ оваа година ќе се одржи во Универзалната сала во Скоје на 4-ти јуни 2013 година со почеток во 10,00 часот.

Имајќи ги предвид сите аспекти во однос на развивањето и чувањето на фолклорните традиции и враќањето од заборав на многу убави изворни народни песни и ора, свирењето на стари народни изворни инструменти, возобновувбањето на старите добри обичаи и пред се масовноста на учесниците (околу 450 учесници оваа година само на Републичката ревија), Министерството за култура оваа манифестација ја прогласи за национален интерес во чувањето и негувањето на културното богатство и наследство на Република Македонија. Тоа прифати оваа година да биде покровител на Ревијата, што е голема помош и признание за СЗПМ.
Влезот е слободен.