Ви ги најавуваме следните настани:
СКОПСКО ЛЕТО 2016

СКОПСКО ЛЕТО - Урбана уметност во градот

 

Скопско лето е манифестација која по 37-ми пат се одржува во нашиот главниот град во летниот период, а почетокот се поклопува со Првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката.

 

„Во изминативе повеќе од три и пол децении, преку внимателно избраната програма на "Скопско лето", настапија огромен број на изведувачи и ансамбли, понудувајќи ја на љубителите на уметноста својата изведбена виртуозност и творечка енергија во различни жанрови и уметнички правци во областа на музиката, театарот, филмот, литературата, ликовните уметности, како и мултимедијалните перформанси и спектакли што им додаваат духовна содржина на отворените градски простори кои вообичаено се користат за секојдневните потреби на граѓаните, како и простори нaмeнети за настани од областа на културата, што во летниот период се помалку ангажирани", истакнува Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.


 

Манифестацијата се одржува во текот на предстојните 40 дена на градски локации со специфична историска и естетска вредност. Оваа година манифестацијата ќе се одвиваат на 19 локации и простори во Скопје меѓу кои се: театри, ликовни галерии, музеи, во објектите на Старата скопска чаршија односно во едни од најрепрезентативните објекти и споменици на културата во Скопје, Сули ан, Куршумли ан, но и класичните сцени во националните и градските установи од областа на културата, централното градско подрачје, кои што во квечерините на летото се претвораат во летни сцени.

 

Овогодинешната програма ќе биде презентирана од 900 учесници, во 52 програмски термини од кои 19 музички настани, 10 ликовни изложби, 11 филмски проекции, 9 театарски престави, презентирани од домашни и изведувачи од 19 држави во светот.

 

Манифестацијата е во заедничка организација со Дирекција за култура и уметност-Скопје и ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски" - Скопје, а е подржана од Град Скопје и Министерство за Култура на Република Македонија.