Ви ги најавуваме следните настани:
ЛИЦА БЕЗ МАСКИ

Седмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ ќе се одржи од 12 до 17 септември, во организација на независната продукција „Театар 007“ и „Универзална сала“. Под мотото „Вистината е во средината“, фестивалот ќе понуди десет претстави со алтернативна и експериментална естетика, кои кореспонидраат со современите текови на театарското живеење, односно претстави кои на симболичен начин се обидуваат да ја доловат вистината на денешното човеково егзистирање.
Покрај учеството на пет претстави од Италија, Чешка, Србија, Бугарија и Грција, фестивалската програма годинава е дополнета и со пет ексклузивни македонски независни театарски продукции и авторски проекти на наши истакнати уметници. Со минатогодишното учество на претставата „Филм“ на Саша Ефтимова, организацијата вети и годинава ја реализира целта да промовира македонски независни театарски продукции кои работат и творат со алтернативни, нови и своремени театарски естетики.
Десетте претстави на програмата на фестивалот ќе бидат дополнети и со промоции на книги, настапи на музички бендови и работилници кои ќе се одржуваат во претпладневните часови во Универзалната сала во Скопје. Како и во изминатите години, така и оваа, фестивалот ќе додели три награди и тоа: „Гран при“ за најдобра претстава во целина, „Награда за најдобра режија“ и „Награда за најдобро актерско остварување“, а за нив ќе одлучува тричлено жири. Програмата на фестивалот „Лица без маски“ ќе се одржува на „Главната сцена“ и „Малата сцена“ на Универзалната сала.

Видео: