Ви ги најавуваме следните настани:
ЦЕНТРАЛ ПАРК-ЗАПАД
„СОЛАРИС ПРОДУКЦИЈА" во соработка со независниот „ТЕАТАР 007", со особена гордост ја најавува најновата премиера на комедијата „ЦЕНТРАЛ ПАРК-ЗАПАД" од Вуди Ален, а во режија на Игор Ивковиќ, која ќе се одржи на 10 декември, на „Малата сцена" во Универзална сала-Скопје, со почеток од 21 часот.

-Совршената фасада и надворешна доминантност, не значи дека во внатрешноста владее мир, спокојство и среќа. И елитата е дел од обичната секојдневна човечка пракса на живеење, во која не е секогаш „розово". Претставата „Централ парк-Запад" не е обична комедија, туку повеќе од тоа. „Вудиаленовскиот" интелектуален хумор, придружен со совршената психолошка вивисекција на карактерите, не само што насмевнува, туку отвора важни секојдневни прашања за кои секогаш треба да се најде вистинскиот одоговор, вели режисерот на претставата Игор Ивковиќ.
Во претставата играат: Ирена Илиевска, Ангела Наумоска, Марко Богдановски, Јеткин Сезаир и Елизабета Клинчаревска-Младеновска.


-Независната продукција „ТЕАТАР 007", со оваа претстава уште еднаш потврдува за важноста на постоењето на алтернативната и независна продукција во нашиот град. Со „Централ парк-Запд", нашиот театар поставува вистински темели на алтернативно поимање на сценскиот простор, на можност за реализирање театарски проекти секаде и во секое време, вели продуцентот на „Театар 007", Миодраг Костиќ.
За дизајнот на претставата се погрижи Маре Трајковска, која изработи одлични уникатни костимографски и сценографски решенија.

По премиерата на 10 декември, е најавена и првата реприза закажана за 11 декември, на „Малата сцена" во Универзална сала-Скопје, со почеток од 21 часот.
Билет за претставата „Централ парк-Запад" чини 200 денари и може да се набави на билетарницата на Универзална сала-Скопје.