Непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, како трајно одбележување на хуманата акција на дарителите од странство, беше започната изградбата на Универзална Сала, сега преименувана во Конгресен Центар ,, Александар Македонски,,.
Катастрофата му донесе на Скопје низа контакти со светот. Човечката солидарност дојде до целосен и безрезервен израз на сите полиња од животот. Во областа на културата, тоа се изрази преку манифестацијата „Средба на солидарноста", која се реализираше во првата година по земјотресот во Скопје. Оваа манифестација имаше за цел еднаш годишно да ги собере во Скопје претставниците на земјите кои му укажаа помош на разурнатиот град. Манифестацијата за прв пат се одржа во 1964 година, а траеше од 26-ти јули до 2- ри август, а ја организираше Универзална Сала. Манифестацијата ги обедини сите културни ансамбли и спортски екипи од земјите-донатори.
Но, по земјотресот, Скопје се соочи со недостаток од „Универзална сала" каде ќе се организираат сите манифестации од ваков карактер, по што „Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје" донесува одлука за изградба на еден ваков објект. Во изградбата, со значајна материјална (финансиска) помош учествуваа повеќе од 35 држави од светот, со чии средства е купен монтажниот објект „Универзална сала" од бугарската компанија „Техноекспортстрој". Договорот за купопродажба на објектот за сала со капацитет од 1.800 седишта е потпишан на 11 јули 1964 година во Софија.
Официјално Универзална Сала започна со работа на 01 Јануари 1966 година.
|